Стоматолошката комора на Македонија бара од Министерството за здравство реформите во здравствотото и приватизацијата на секундарната стоматолошка заштита да се одвива транспарентно, што е во интерес и на стоматолозите и на пациентите. Според претседателот на Комората, Владо Ванковски, ќе се приватизира оралната хирургија, ортодонцијата и протетиката, а само детската и превентивната стоматологија остануваат во примарната здравствена заштита. – Комората не е против приватизацијата, но смета дека начинот на кој таа се води не е добар. Се губи секторот стоматологија, иако во него има 2000 стоматолози, 1000 стоматолошки сестри и уште толку забни техничари. Трансформацијата треба да го подигне квалитетот на услугата што ја добиваат граѓаните, да овозможи развој на стоматологијата, а не нејзина стагнација, вели Ванковски. Тој апелира кон стоматолозите да бидат внимателни и ако ординацијата не ги исполнува минималните санитарни и технички услови да не прифаќаат во неа да стопанисуваат. Ванковски смета дека Министерството за здравство треба да го поништи конкурсот за издавање под закуп на стоматолошките ординации, бидејќи стоматолозите од неколку градови во земјава укажале на повеќе проблеми. “Има ординации со еден стол на кој треба да работат и по пет стоматолози”, објаснува Ванковски. Според него во тек е приватизацијата во Прилеп, а 21 стоматолог од секундарната здравствена заштита поднеле барање до Основниот суд во Прилеп таа да се стопира. Од Комората велат дека иако од Министерството за здравство било најавувано дека ќе се почека со трансформацијата на секундарната стоматолошката заштита, таа не само што е почната, туку во Струмица веќе се поделени првите решенија за закуп на ординации.


Процесот на трансформација на здравствената заштита според Министерството за здравство се одвива транспарентно. Тие се отворени за соработка со Стоматолошката комора и нудат заеднички да се решаваат спорните и отворени прашања. Министерството потврдуваат дека во Прилеп и во Демир Хисар се увидени одредени проблеми во процесот на транформацијата на стоматолошката дејност, но се бара да се најде задоволително решение за лекарите и за пациентите. Во врска со прашањето за наводни неправилности при издавањето на ординации под закуп во училиштата информираме дека тие ординации се основани и работат со години и дека и во иднина кај нив ништо не се менува. Ординации се издаваат под закуп и остануваат да работат во услови во кои и досега работеле.


Валентина МАРЈАНОВИЌ