Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп изјави дека штом ќе стане претседател на САД ќе депортира илјадници илегални мигранти, кои извршиле кривични дела.

Трамп го изјави тоа на предизборниот митинг во градот Де Моин во државата Ајова.

Тој истакна дека ќе настојува да воспостави систем за следење, кој ќе овозможи мигрантите кои ќе останат подолго отколку што им важат визите да бидат протерани од САД.

Трамп нагласи и дека ќе изгради ѕид на границата и ќе спречи илегалните мигранти да користат социјална помош и други поволности.

Инаку, како што засега стојат работите, кандидатката за претседател на САД на Демократската партија Хилари Клинтон води пред конкурентот од републиканците Доналд Трамп со 5 процентни поени. Тоа е помалку во споредба со претходното мерење овој месец, кога водеше со 12 процентни поени, покажува најновото објавено истражување на јавното мислење, нарачано од Ројтерс и Ипсос, јави БТА.

Истражувањето, спроведено во периодот 22-25 август покажува дека пред претседателските избори на 8 ноември, 41 проценти од избирачите ја поддржуваат Клинтон, а 36 проценти Трамп. Околу 23 проценти не изразиле наклоност кон ниту еден од двајцата кандидати.

Имигранти-инвеститори полесно во САД

Владата на американскиот претседател Барак Обама предложи воведувањето олеснет режим, чија цел е да привлече илјадници имигранти претприемачи, за да основаат компании во САД.

Новите правила, кои беа предложени од страна на американското Министерство за внатрешна безбедност, ќе ги намалат тешкотиите за основачите на стартап компании во нивното формирање, доколку имаат значително финансирање од американски инвеститори.

Владата се надева дека олеснување на режимот ќе се реализира пред да истече мандатот на Обама на 20 јануари.