Претседателот на САД, Доналд Трамп најави дека ќе потпише извршна наредба за привремено стопирање на имиграцијата во САД поради коронавирусот.

„Со оглед на нападот на невидливиот непријател, како и потребата да се заштитат работните места на нашите големи американски граѓани, ќе потпишам извршна наредба за привремено стопирање на имиграцијата во Соединетите Држави“, објави Трамп на „Твитер“.

Американскиот претседател рече дека со паузирањето на имиграцијата ќе помогне да им се даде на невработените Американци приоритет во вработувањето кога државите повторно ќе се отворат.

Наредбата треба да важи 60 дена, но може да се продолжи, пренесуваат американските медиуми.

„Би било погрешно и неправедно за Американците кои беа отпуштени поради вирусот да бидат заменети со нова имигрантска работна сила која доаѓа од странство. Прво треба да се грижиме за американските работници“, рече Трамп.

 

извор: Makfax