Првата фаза од трговскиот договор меѓу САД и Кина ќе биде потпишана на 15 јануари во Белата куќа, најави денеска американскиот претседател, Доналд Трамп.

Тој рече дека по тоа, за време на неговата посета на Пекинг, ќе биде отворена нова рунда разговори за решавање на горливите прашања во односите меѓу двете земји, пренесе агенцијата АП.

„Ќе потпишам многу голема и сеопфатна прва фаза од трговскиот договор со Кина на 15 јануари. Церемонијата ќе се одржи во Белата куќа“, напиша Трамп на „Твитер“ додавајќи дека кинески функционери од највисоко ниво ќе присуствуваат на потпишувањето на документот.

„Подоцна ќе отпатувам во Пекинг, каде што ќе почнат разговорите за втората фаза“, наведе Трамп, но не го прецизира датумот на посетата.

Првата фаза од договорот вклучува купување американски земјоделски производи во вредност од 40 милијарди долари годишно во текот на наредните две години, а САД дел од тарифите за кинески стоки ќе ги укинат во целост, а во другиот дел ќе има значително намалување.

САД ќе се откажат и од новиот бран најавени царини за кинеска стока во вредност од 160 милијарди долари.

 

извор: Makfax