Од кампањата на демократскиот кандидат Џо Бајден велат дека наводите за сексуален напад за кој беше обвинет се демантирани со истрагата на „Њујорк Тајмс“. Весникот кој првично беше критикуван бидејќи премногу меко се однесувал со Бајден, сега тврди дека никогаш не ги отфрлиле обвиненијата.

Тара Риди, која работела во сенатскиот кабинет на Бајден во 1993 година, тврди дека Бајден ја начекал во подрумот на зградата на Капитол Хил и сексуално ја нападнал. Од кампањата на Бајден ги отфрлија обвиненијата и ја користеа статијата на „Њујорк тајмс“ за да ги побие.

„Базфуд њуз“ во вторникот откри дека ангажираните во кампањата на Бајден добиле инструкции да се повикуваат на статијата на „Њујорк тајмс“, објавена на почетокот на овој месец, базирана на истрага што весникот ја спроведе и која, како што велат од кампањата на Бајден, покажува дека не открила никаква шема на сексуална злоупотреба и заклучила дека инцидентот не се случил.

Овие поенти ги повторуваат сите поддржувачи на Бајден во последните неколку дена. Поранешниот кандидат за гувернер на Џорџија, Стејси Абрамс, која сакаше да му се придружи во кампањата на Бајден, ги посочи тие поенти во интервјуто за Си-ен-Ен во вторникот, велејќи: „Њујорк Тајмс“ спроведе темелна истрага и откриле дека обвинението не е веродостојно. Му верувам на Џо Бајден ”.

Но, од „Њујорк Тајмс“ велат дека кампањата на Бајден погрешно ја претставува нивната статија.

„Нашата истрага не донесе никаков заклучок. Тимот на Бајден погрешно се повикува на неа кога сугерира дека наводниот инцидент не се случил“, рече потпретседателот за комуникации на „Тајмс“, Даниел Ројадс-Ха за „Вашингтон Егзаминер“.

Покрај тоа, кога весникот напишал дека „не откриле никаква шема на сексуална злоупотреба кај Бајден“, тој цитат првично вклучувал и дополнителна клаузула: „освен прегратките, бакнежите и непристојното допирање на жените кои претходно посочија дека поради тоа им било непријатно“. Оваа продолжена реченица наводно била избришана на барање од кампањата на Бајден, вели извршниот уредник на „Тајмс“, Дин Бакет.

Новинарите на „Тајмс“ контактирале со некои од поранешните колеги на Риди, кои рекле дека не се сеќаваат таа да ја спомнала средбата на Бајден во 1993 година. Други, меѓу кои и братот на Риди и двајца пријатели, рекле  дека се сеќаваат оти таа го споменала трауматичниот сексуален инцидент. По објавувањето на приказната на „Тајмс“, барем двајца поранешни соработници на Риди ги поддржале нејзините тврдења.