Тоше се бакнува со Бугарка
Песната која специјално за петтиот албум на Тоше ја напиша храватскиот композитор Миро Буљан, “Кој ти гризе образи” доби и свој видеозапис. Промоцијата на спотот предизвика голем интерес кај новинарите и обожавателите кои вчера во голем број присуствуваа на прес-конференцијата што се одржа во “Холидеј ин”. Инаку видеоклипот е работен во продукција на “Свет филм”, а е снимен во Софија на 35 милиметерска филмска лента. Режисер е 26-годишниот Јане Кортошев, а директор на фотографија е Ненад Бороевиќ. Постпродукцијата на спотот, чие снимање траело повеќе од 20 часа, а во кој глуми и познатата бугарска манекенка Румијана Пеева е работена во Љубљана, во студиото “Арт ребел 9”. Патем на промоцијата на која беа презентирани двете верзии на спотот – на српски и македонски јазик, Тоше Проески заедно со неговата менаџерка пред новинарите ги обелоденија и нивните идни музички планови. Имено, веќе за неколку дена поточно на 7 јуни ќе биде промовиран и спотот на дуетската песна на Тоше и Тони Цетински “Лагала нас мала”, а петтиот албум, за чие име се уште се размислува, ќе биде промовиран на 24 јуни со концерт на градскиот стадион. Издавач на петтиот албум на кој ќе се најдат песни од различни автори е “Аввард продукција”. Одговорен за фотографии на омотот за новото цеде на Тоше е Дејан Миличевиќ, со кој поп-ѕвездата деновиве ја работеше фотосесијата. На прес-конфенцијата мегаѕвездата одговараше и на новинарски прашања, а на прашањето од новинарка на “Бизнис” дали ќе сними дует со Цеца Тоше одговори: Не знам како би можело да се изведе тоа. Цеца е турбофолкерка, а јас не би снимил таква песна. Против неа немам ама баш ништо, напротив многу ми се допаѓа бојата на нејзиниот глас”. (А.Н.) Фото: А.Ивановски