Социјалистите во Србија ставаат точка на Слободан Милошевиќ….

Социјалистите во Србија ставаат точка на Слободан Милошевиќ. На конгресот кој треба да се одржи на 3 декември ќе биде усвоена резолуција со која ќе му се укаже почит на покојниот лидер, но тој, ниту од пиетет, нема да биде почесен претседател на СПС.
Ова “коперникарскоè свртување го најави претседателот на главниот одбор Ивица Дачиќ, кој е еден од четворицата кандидати за челник на странката. За него велат дека уште во времето додека Милошевиќ бил во затворот во Шевенинген, тој успеал да се оттргне од неговата прегратка и да најави нов курс во партијата. Сега во загревањето пред изборната трка, тој се залага и порачува дека СПС мора да продолжи понатаму со ново раководство и да биде модерна партија на левицата.

Вториот, пак, претендент за лидерската позиција, Жарко Обрадовиќ, смета дека спрема Милошевиќ мора да се искаже должна почит и за тоа да се најде соодветен начин. Зборовите на Милошевиќ и по неговата смрт добиваат во тежина, имајќи предвид се она што ни се случува, вели Обрадовиќ. Меѓутоа СПС мора да оди во чекор со времето, бидејќи многу работи од деведесеттите повеќе не се реални. Се менува светот, се менува и Србија, заклучува тој за весникот “Вечерне новостиè.

Третиот кандидат за “капетанè на партијата Зоран Анѓелковиќ, вели дека со споменатат резолуција СПС ќе му оддаде почит на поранешниот претседател и предлага во договор со неговото семејство да се основа фондација “Слободан Милошевиќè.За разлика од мислењата на овие тројца кандидати, четвртиот, Милорад Вучелиќ, смета дека врската помеѓу Милошевиќ и СПС е нераскинлива и дека не треба да се става никаква точка.