Во Музејот на град Скопје, вечерва во 20 часот, ќе биде отворена изложбата насловена “Тохоку низ очите на јапонските фотографи”. Музејот на град Скопје ја реализира оваа изложба во соработка со Јапонската Фондација и Амбасадата на Јапонија во Виена.

Македонската јавност ќе има можност да види фотографии од Тохоку регионот, кој е североисточниот дел на Хоншу, најголемиот остров во јапонскиот архипелаг.

Оваа изложба е составена од 130 фотографии, дела на девет врвни јапонски фотографи и една група фотографи кои припаѓаат на различни генерации и стилски тенденции, но сите потекнуваат од Тохоку.

И покрај тоа што Тохоку има прилично ладна клима, тој е благословен со убава и бујна природна средина на отворено море, планини, реки, и шуми. Тој е исто така познат како центар на Јомон културата, која што била развивана од страна на првите жители на Јапонија.

Фотографиите направени во 1940-тите години, ќе бидат прикажани заедно со сликите на сегашноста.