Адвокатот Александар Тортевски кој беше и советник на СЈО за порталот Фокус даде изјава со која смета дека рекетарската мрежа не би можела да биде изведена без амин од специјалната јавна обвинителка. Според него двајцата осомничени морале да имаат поддршка за да го изведат земањето поткуп од милиони евра.

– Мојата интуција ми вели дека Боки без јавување од Катица Јанева, не можел да го спроведе поткупот. За мене тоа е поткуп, а не рекет. Тој не можел да го изврши земањето на парите без сигнал од Катица. Но истрагата треба да го покаже тоа, а истрагата треба да се води со ладна глава и трезвено, настрана притисоците од јавноста. Секое лицитирање од страна на јавноста сега е некоректен притисок кон обвинителите – вели Тортевски.

Тој додава дека за Јанева е отежнителна околност тоа што е шефица на Специјалното јавно обвинителство, бидејќи нејзината одговорност е поголема.

– Треба да оставиме и да видиме истрагата што ќе покаже. Ако има сериозни индиции дека Јанева е вмешана, тогаш треба да се покрене кривична постапка, бидејќи она таа е најодговорен функционер за гонење криминал. Затоа недозволиви се било какви попусти кон неа. Таа е во отежнителна ситуација. Сепак, најважно сега е да имаме коректно спроведена постапка во која ќе се утврди вистината – посочува Тортевски.

Од тоа како ќе се развива случајот, ќе зависи и развојот на настаните на политичката сцена во земјава. Во политичките кулоари подолго време тема на разговор е опстанокот на СДСМ и дали Заев ќе може да ја преживее аферата. Според Тортевски дружењето со опскурен лик со сомнителен бекраунд повлекува политичка одговорнст за функционерите кои често беа гледани во негово друштво.