Ториевската баронеса Варси, член на Горниот дом на британскиот Парламент, соопшти денеска дека одлучила да ја промени страната во актуелната кампања за претстојниот референдум и наместо за заминување, сега е „силно определена” против Брегзит и за останување на Британија во ЕУ.

Во изјава за радио Би-Би-Си таа рече дека на ваквиот чекор се определила откако, како што вели, кампањата за напуштање на Унијата, станала преполна со „ширење омраза и ксенофобија”.

– Работите отидоа предалеку и нема повеќе никаква смисла да се брани идејата дека на земјата ќе и биде подобро, ако биде надвор од ЕУ, вели сега баронесата.

Според Варси, на неколку денови до референдумот е невозможно да се брани излегувањето од Унијата, по најновиот постер на групата за Брегзит, поставен од антиевропската Партија на независноста на Обединетото кралство (УКИП).

На него се гледа лидерот на УКИП Најџел Фараж како стои и надгледува како огромна толпа мигранти, голем број од нив муслимани, како наводно влегуваат во Британија.

Фотографијата е монтажа од мигрантите кои влегуваа минатата година на границата на Словенија, затоа што таков бран немаше во Велика Британија.

– Кампањата на Брегзит дојде во фаза кога не може, а да не се реагира со осуда и спротивставување, затоа што таа веќе е наполно идентична со она што го прави крајнодесничарската, расистичка БНП, како и со зборивите и заложбите на Доналд Трамп, Французинката Марин Ле Пен или австриската Слободарска партија, изјави за Би-Би-Си, баронеса Варси.

Повеќемина британски политичари, некои и од кампот на Брегзит, се оградија од плакатот на УКИП.

Министерот за финансии, Џорџ Озборн плакатот го спореди со кампањата на нацистите во Германија и низ Европа во триесетите години на 20 век.

Саеда Варси е пакистанска по потекло и едно време беше министер во Владата во сенка на Конзервативната партија, а потоа кусо време беше и раководител на партијата, кога Дејвид Камерон, во мај 2010 година, стана премиер.

Подоцна се повлече од таа функција и беше избрана за член на Горниот дом на Парламентот, носејќи ја титулата баронеса.