Арсенал и шпанскиот претставник Вилјареал вечерва го играат првиот натпревар од полуфиналето на фудбалската Лига на шампиони. Мечот на Хајбери ќе биде последниот европски натпревар за “топчиите”, одигран на овој стадион. Меѓутоа, сега не е време за носталгија и кај лондонскиот клуб целото фокусирање е кон можното финале. Арсенал во дуелот со Вилјареал ја има улогата на фаворит поради добро темпираната форма за финишот на ова натпреварувањето. Недоволно заздравениот Фабрегас, повторно повредениот Сол Кембел (операција на скршениот нос) и суспензијата на Рејес се главните проблеми на менаџерот на Арсенал, Арсен Венгер.
“Шансите за победа се 50:50. Да игравме со Барселона или Милан, притисокот врз нас ќе беше помал. Сега јавноста ни ја припиша улогата на фаворити, бидејќи го поминавме Јувентус и Реал(М). Противникот не го анализирав многу, знам дека е дефанзивен и компактен тим, мора да создадеме што можно повеќе шанси пред нивниот гол”, изјави Венгер. Свое видување за вечерашниот дуел имаше и најдобриот играч на лондонскиот тим, Тиери Анри.
“Како тим мора прво одлично да се браниме и веднаш потоа да се префрлиме во нападот. Мора да играме како што играме во Премиер лигата. За противникот ќе кажам дека е одличен тим со одлични фудбалери и ако им дозволиш да ја играат нивната игра тие можат да те повредат. Личат на нас кога играме на гостински терен”, изјави напаѓачот на Арсенал. Како и Арсенал, и Вилјареал се соочува со сериозни проблеми во поглед на стартниот состав.
“Жолтата подморница” во Лондон пристигна без аргентинскиот централен бек Гонзало Родригез, боливискиот репрезенативец Пена и суспендираниот прв голман Себастијан Виера. Олеснителна околност за тренерот на Вилјареал, Мануел Пелегрини, е враќањето на четворицата стандардни првотимци Рикелме, Форлан, Сорин и Такинарди во првиот тим, откако го пропуштија петочниот првенствен натпревар со Барселона.