По бурната прослава на најлудата ноќ во годината, која освен многу радости и еуфорично расположение, помалку и ве замори, време е, конечно, да излезете на чист воздух. Затоа не губете време и пакувајте се! Бидејќи и училишниот распуст е во тек заедно со целото семејство заминете барем неколку дена во некој зимски центар, а за снегот не грижете се, кај и да е, ќе заврне, па време му е. Но, внимавајте. Не се “мангупирајте” без капа, ракавици и шал никако не обидувајте се да одите на скијање. Капата ќе ви помогне да не ви замрзнат ушите, ракавиците ќе ги заштитат прстите од болката која ја предизвикува студот, а шалот ќе го спречи вдишување на студениот воздух. Носењето облека во повеќе слоеви е добра идеја, бидејќи два слоја греат подобро од еден. Но, сепак внимавајте облеката да ви биде полежерна и поширока за еден број од онаа вообичаената, бидејќи неопходно е да струи воздух помеѓу слоевите и да се создаде една заштитна микроклима. Патем да напоменеме, не смеете да носите тешка гардероба, огромни капи, ракавици… затоа што ќе го ограничат вашето маневрирање на скијачките патеки, а потта ќе ве принуди да се чувствувате неудобно. Но, сепак носењето на два слоја гардероба ќе ви помогне да се откачите од едниот слој штом ви стане топло и кога ќе се испотите. Потењето во зима може да биде прилично опасно, бидејќи тогаш студот повеќе пречи и полесно настинувате. Избегнувајте да носите бела гардероба, случајно да не ве удри некој пасиониран скијач кој во голема брзина не можел да ве види или, не дај боже, да не паднете во кал. Затоа, најчесто скијачката гардероба е со црвена и сина боја во која лесно се издвојувате од снегот. Покрај скијачките реквизити: капата, ракавиците, широките, топли и удобни панталони, рапавите чевли, неопходно е да користите и зимска козметика. Тоа значи заштитен стик за усни (кои во зима лесно пукаат и умеаат ужасно да болат), често мачкање на рацете со заштитна крема, а добро ќе дојде и хидрататна крема за лице. Доколку се придружувате на овие правила немате од што да се плашите на ваштето зимување. Убаво ќе се забавувате, а ќе се вратите здрави како што и сте заминале, насмеани и полни со енергија. Уживајте!