Топлотниот бран што ја зафати Европа донесе температури поради кои властите во Италија, Шпанија и Франција издадоа предупредување кон граѓаните.

Италија се соочи со првиот топлотен бран ова лето, а италијанските власти воведоа црвен аларм во осум градови во земјата поради здравствените проблеми што би можеле да ги предизвикаат горештините.

Предупредувањето е издадено за Болоња, Болцано, Фиренца, Кампобасо, Џенова, Перуџа, Пескара и Ријети. Во овие градови се очекува температурите да достигнат 40 степени.

Согласно прогнозите, утре 18 градови во Италија би можеле да бидат опфатени со црвениот аларм, меѓу кои и Рим.

По порастот на температурите за време на викендот, метеоролозите во Италија очекуваат жештините да траат барем уште неколку дена.

Шпанската метеоролошка служба издаде предупредување во 30 провинции ширум земјата, наведувајќи дека се очекува температурите во овие делови да достигнат од 35 до 42 срепени.

Метеоролозите предупредија на висок ризик од шумски пожари во голем број области во јужниот и централниот дел на Шпанија. Се очекува топлотниот бран да трае и за време на викендот.

Поради жештините во Франција издадени се предупредувања во источниот и јужниот дел од земјата. Се очекува температурата во текот на целата недела да се движи над 30-от степен, а во поединечни области да достигне и 40 степени.

Во главниот град на Германија, Берлин, минатата ноќ беше најтоплата во изминатите сто години.

Температурата на езерата драстично порасна што доведе до масовен помор на рибите кои живеат во езерата ширум Германија, а особено на подрачјето на Хамбург. Температурата на водата достигна критични 27 степени, а нивото на кислород константно опаѓа. Слична е ситуацијата и со реките во Германија. Во реките и езерата во Хамбург и околината за неколку дена поради големи горештини угинаа шест тона риба, а експертите стравуваат дека тоа е само почеток.

Сателитските снимки кои ги објави Европската вселенска агенција покажуваат дека топлотниот бран ги опустошил руралните германски области.

извор: Makfax