Јуниорската светска шампионка во уметничко лизгање Екатерина Александровскаја (20), која веќе неколку години настапува за Австралија, беше пронајдена мртва во Москва, а според првичните сознанија на полициската истрага, станува збор за самоубиство.

Во изјава за агенцијата Тас, неименуван извор во полицијата соопшти дека телото на Александровскаја е пронајдено во близина на нејзината куќа во руската престолнина и дека, поради физичката повреда што ги претрпела, спортистката и претходно се обидела да си го одземе животот.

20-годишната Александровскаја е поранешна членка на руската репрезентација која се натпреварува под австралиското знаме од 2016 година, под кое ја освои светската јуниорска титула во 2017 година, заедно со нејзиниот австралиски колега Харли Виндзор.

Како што потсетува Тас, двајцата ја освоија јуниорската Гран-при титула во истата година, а трипати триумфираа на првенството во Австралија – од 2017 до 2019 година.