Светската фудбалска федерација (ФИФА) ќе го зголеми за 38 отсти вкупниот награден фонд за учесниците на Светското првенство во 2006 година во Германија, со што тој ќе изнесува 332 милиони швајцарски франци. На победникот ќе му припаднат 24, 5 милиони “швајцарци”, што е повеќе за двапати од наградата што ја доби Бразил за светската титула во 2002 г. во Јапонија и Ј. Кореја. Секоја репрезентација што ќе се квалификува за завршницата ќе добие најмалку 7 милиони франци. ФИФА ова го соопшти на својата годишна конференција за медиумите посветена на финасиите. До зголемувањето доаѓа, бидејќи е забележан пораст на ликвидноста на имотото што сега изнесува 439 милиони франци. Светската куќа на фудбалот во 2004 година остварила профит од 158 милиони франци, што е за 12 отсто повеќе во однос на 2003 г. “Ние направивме уште еден важен чекор кон нашата цел- паричната вредност на имотот до крајот на 2006 година да биде меѓу 350 и 450 милиони швајцарски франци”, рече претседателот на ФИФА, Сеп Блатер. “Тоа, заедно со резултатите што веќе ги постигна маркетингот, дополнително ќе ја засилат цврстата финансиска основа на ФИФА. Ние не сме банка и не сакаме да правиме многу пари, но сакаме да имаме добар буџет и резерви, зашто не знаеме до кога ситуацијата ќе биде добра за нас. Ова зголемување на наградниот фонд е само награда на репрезентациите за вложениот труд за да се квалификуваат, што го промовира фудбалот”, додаде Блатер.