Македонскиот женски првак Кометал Ѓ.Петров, кој третпат избори учество во финалето од Лигата на шампионките, првиот натпревар со актуелниот европски првак, данскиот Слагелсе, ќе го игра на 14-15 мај во “Брондби Хале” во Копнехаген, а реваншот е седум дена подоцна во “Кале”. Вака одлучи вчерашната ждрепка со која се одреди првиот домаќин на финалето на ЛШ, што беше извршена во седиштето на Европската ракометна федерација во Виена. Божицата на среќата – Фортуна беше на страна на нашите девојки, но тоа не значи дека е готова работата, зашто против себе ќе имаат исклучително силен интернационален состав. За ждрепката, шансите на нашиот првак вторпат да се искачи на “покривот на Европа” и за активностите до првиот финален натпревар со Слагелсе, претседателот на Кометал Ѓ.Петров, Иван Бојков, со свој коментар. – Добро е што прво играме на гости, а потоа дома. Но, сето тоа се сведува на натпреварувачки аспект, па оттука и не е голема предност, туку само од психолошки аспект. Среќата беше со нас, но во двете средби со Слагелсе треба добро да се подготвиме и уште подобро да ги одиграме, вели Бојков. Убаво е што во “Кале”, по реваншот и по евентуалното освојување на европската титула ќе можеме дома да ја споделиме радоста за успехот. Денеска тренерот Андреј Портној ќе направи план за тринеделни активности до првата средба со Слагелсе и ќе го предложи до управата на клубот. Слагелсе е силен тим со многу интернационалки, а имаме информации дека во екипата се вратиле Полтроцкаја и нашите поранешни првотимки, Радуловиќ и Будимир. Ако одиграме максимално добро, како на реваншот со нив во Скопје, кога победивме со 20:12 и прикажавме врвна ракометна партија, можеме да се надеваме на втората титула – рече Бојков. Слагелсе за првпат на европска сцена во Лигата на шампионите стартуваше лани, кога во финалето на двапати го совлада претходниот шампион, словенечкиот Крим. Дотогаш во ЛШ играа Икаст и Виборг. Лани игравме во група со Слагелсе – на гости загубивме со 27:29 и ни требаше бод од Копенхаген за да одиме во четвртфиналето, но не успеавме, па на реваншот во Скопје беше 19:19, кога Данките дојдоа со втора постава. Во оваа сезона, повторно бевме во група со Слагелсе – на гости пораз од 27:29, во “Кале” наша победа од 20:12. Финалето ќе биде трета пресметка меѓу овие два европски гиганти.


Вилизар ПАВЛОВ