Новите италијански газди на стоковната куќа Типо деновиве пристигнуваат во Скопје. Како што дознава “Вечер” од сигурни извори, високи претставници од компанијата Т&М холдинг С.П.А. Римини од Италија, која неодамна ја купи стоковната во центарот на Скопје, најавија дека деновиве ќе пристигнат во земјава. Компанијата ГРАДИСКА преку која тие ќе работат во Македонија, како што дознаваме, е во завршна фаза на регистрација и екипирање по што натамошното дејствување на Италијанците во земјава ќе оди преку оваа фирма.
Претставниците на Т&М холдинг С.П.А. Римини доаѓаат во Скопје на лице место да ја снимат состојбата со објектот, по што ќе се работи на проектот за тоа како ќе изгледа новото “руво” на Типо. Дознаваме дека се планира комплетната реконструкција да заврши до пролет. Тогаш ќе биде познато и кои реномирани светски марки ќе бидат сместени на 6350 метри квадратни, колку што зафаќа Типо. Од палетата производи што ги нуди овој италијански холдинг најпознати брендови се Теранова, Калиопе, Китана, ХП и Урбан Бејби.
Оваа групација која се занимава со трговски недвижности од висок квалитет и промет со текстил и текстилни производи ја купи Стоковната од Комерцијална Банка за 11 милиони евра од кои веќе плати 2,7 милиони, а остатокот ќе го отплаќа на рати на десет години.