Стоковната куќа “Типо”, во строгиот центар на Скопје, доби нов сопственик. Т&М холдинг С.П.А. Римини од Италија ја доби Стоковната за 10,8 милиони евра преку својата фирма регистрирана во нашава земја- ГРАДИСКА. Италијанците ја купија “Типо” преку оглас, кој “Комерцијална банка” во изминативе месеци го објавуваше постојано, а на кој подолго време не се јавуваше ниту еден купувач. Како што е познато “Комерцијална” стана сопственик на Стоковната по основ на долговите што ги имаше “Типо” кон Банката.
Како што информираат од “Комерцијална”, Управниот одбор на Банката ја прифати понудата на италијанскиот холдинг Т&М Холдинг, С.П.А која на почетната цена по објавениот оглас од 670 милиони денари, понуди пет милиони денари повеќе или 675 милиони и на бараното минимално сопствено учество од 10 понуди учество од 25 проценти од понудената цена. Новиот сопственик на оваа Стоковна, со вкупна површина од 6.350 метри квадратни, сопственото учество од околу 165 милиони денари или 2,7 милиони евра веќе ги има уплатено на сметка на Банката. Остатокот до полната цена од 675 милиони денари, согласно со условите од објавениот оглас, ќе ги отплаќа на кредит во наредните десет години и камата во висина на шестмесечниот либор за еврото, која во моментов изнесува околу 2,14 отсто годишно.
Т&М Холдинг е групација која се занимава со трговски недвижности од висок квалитет и со промет со текстил и текстилни производи, а на нашите потрошувачи им е позната по продавниците “Теранова”.


Весна М. БОЖИНОВСКА