Наша желба е кризата што побрзо да се реши за да може Македонија повторно да се врати на вистинскиот пат, кон приближување и интегрирање во ЕУ и НАТО. Посакуваме климата да остане воздржана и во вистинска согласност меѓу сите етнички заедници што ја сочинуваат оваа земја, изјави денеска амбасадорот на Франција во Македонија Кристијан Тимоние.

Одговорајќи на новинарски прашања пред посетата на компанијата „Завар”, Тимоние рече дека е запознаен со писмото на претседателот Ѓорге Иванов, но нема да го коментира зашто, како што нагласи, не е испратено до претседателот на Француската Република.

– Се запознав со писмото што го упати претседателот Иванов до претседателот на Европскиот совет, претседателот на САД, турскиот претседател и генералниот секретар на НАТО. Ќе разберете дека воопшто нема да коментирам за писмо кое не е испратено до претседателот на Француската Република. Тоа писмо ќе биде разгледувано во рамки на Европскиот совет во петок, истакна амбасадорот Кристијан Тимоние.