Наша желба е кризата што побрзо да се реши за да може Македонија повторно да се врати на вистинскиот пат, кон приближување и интегрирање во ЕУ и НАТО. Посакуваме климата да остане воздржана и во вистинска согласност меѓу сите етнички заедници што ја сочинуваат оваа земја, изјави денеска амбасадорот на Франција во Македонија Кристијан Тимоние.

Одговорајќи на новинарски прашања, Тимоние рече дека е запознаен со писмото на претседателот Ѓорге Иванов, но нема да го коментира зашто, како што нагласи, не е испратено до претседателот на Француската Република.

– Се запознав со писмото што го упати претседателот Иванов до претседателот на Европскиот совет, претседателот на САД, турскиот претседател и генералниот секретар на НАТО. Ќе разберете дека воопшто нема да коментирам за писмо кое не е испратено до претседателот на Француската Република. Тоа писмо ќе биде разгледувано во рамки на Европскиот совет во петок, истакна амбасадорот Кристијан Тимоние.