„ТикТок“ соопшти дека планира да поднесе тужба против извршната наредба на американскиот претседател Доналд Трамп, со која се забранува трансакции меѓу оваа популарна видео апликација и нејзината кинеска матична компанија „ByteDance“.

„ТикТок“ преку соопштение порача дека речиси една година се обидувале да разговараат со администрацијата на претседателот Трамп, но дека обидите не вродиле со плод.

„Со намера да се осигураме дека се почитува владеењето на правото и дека нашата компанија и клиенти имаат фер третман, ние немаме друг избор освен да се обидеме извршната наредба да ја оспориме преку правниот систем“, изјави портпаролот на „ТикТок“.

Трамп, на 14 август, издаде извршна наредба со која на „ByteDance“ и беше даден рок од 90 дена да ги прекине операциите на „ТикТок“ во САД. Американските власти се плашат дека информациите за корисниците на „ТикТок“ можат да и бидат предадени на кинеската Влада.

извор: Makfax