Државата е во паника и не знае што да направи со крупниот неприватизиран капитал во државата. Без идеја и неспособна да обезбеди стратешки партнер, на мала врата подготвува ликвидација на крупниот капитал кој вреди неколку десетици милиони евра. Приватизацијата не е и не значи ликвидација, велат финансиските експерти во државата кои први го забележаа и предупредија на овој тренд, кој се турка во последната предизборна година.
Станува збор за порано моќни и атрактивни фирми кои менаџерите не успеаја да ги кондиционираат и трансформираат во периодот на автономна приватизација. Тоа се ЕМО и Отекс од Охрид, ОХИС од Скопје, двата тутунски комбинати од Куманови и од Прилеп, скопските фабрики “Алумина” и “ТИПО” , “Еурокомпозити” од Прилеп, неколку погони од “Битолатекс” и МЗТ, но и други. Севкупно, околу 39 фирми, кои државата сега се обидува да ги именува како “нова загубарска листа” односно, како неатрактивни загубари да ги ликвидира, а со тоа за евтини пари да ги продаде на потенцијалните кандидати или доверители – фаворити. Сите тие на државата и должат над 125 милиони евра долгови по разни основи.
Долговите се крунскиот аргумент на кој државата се извлекува за ликвидација и распродажба на крупниот капитал, но факт е, велат експертите, дека најдобро ќе се наплатиме ако ги продаваме еден по еден преку стратешки инвеститор. Освен тоа, прашање е и дали се работи навистина за неуспешни фирми или, пак, за неуспешни менаџери кои со фирмите раководат со години и кои, како што се шпекулира, со ваквото “работење” настојуваат да ги обезбреднат и потоа тие или некои други во нивно име, да ги купат најатрактивните делови.
Конечно, ако државата преферираше ликвидација пред приватизација, зошто тоа не го стори со сите 607 фирми кои досега ги продаде во платената приватизација? Тоа можевме да го сториме уште во 1993 година. Ќе прогласевме општа ликвидација, капиталот од нив ќе го претворевме во обврзници и тие обврзници ќе ги продававме. Токму ваквата купонска, хартиена приватизација беше најнапаѓања во тој период од истата власт и се пристапи кон платена. Кој е мотивот за ваквиот драстичен пресврт, не е јасно коментираат, приватизациските експерти.


Виолета ЦВЕТКОВСКА