ТЕЦ “Неготино” нема да се продава во пакет со ЕСМ. Оваа термоцентрала најпрво ќе се издвои во посебно акционерско друштво, а потоа ќе се продава преку тендер. Вака одлучила Владата на седницата во вторникот кога е донесена одлука за натамошно реструктурирање на системот на оваа термоцентрала.
Портпаролот на ЕСМ, Бране Стефановски во очекување на владината одлука, вчера немаше повеќе детали околу тоа, меѓутоа најави дека повеќе компании пројавиле интерес за купување на ТЕЦ “Неготино”. Условите за приватизација и продажба ќе бидат познати наскоро кога се предвидува распишување на меѓународен тендер.
Стефановски информираше и за проблемот на транспортот на струја од Бугарија преку Србија за Македонија. Тој рече дека добавувачите, во случајов од Србија, се должни да ја транспортираат струјата до македонската граница. Како што е познато, од први април годинава Србите престанаа да ја транспортираат струјата кон Македонија.
-Во моментов, во функција е само 110-киловолтната врска кон Бугарија и тоа на релација Петрич – Струмица и Скакавица – Крива Паланка. На тој начин Струмица, Гевгелија, Валандово и Крива Паланка се приклучени на бугарскиот систем и ќе останат приклучени се додека не се реши проблемот, рече Стефановски.
Според информациите на ЕСМ, Комисијата на европската заедница за координација за пренос на струја – УЦТЕ ова прашање ќе го постави на дневен ред и од таму очекуваат проблемот да се реши многу брзо.(С.Бл.)