Новите мерки на Владата што ги обврзуваат граѓаните на Тетово, Куманово и Прилеп да користат маски, се неприфатливи за градоначалничката на Тетово, Теута Арифи. Таа за Алсат изјави дека кризниот штаб, ќе бара од Владата носењето маски да биде задолжително само во затворени простории. Што се однесува до купувањето на маските, Арифи вели дека ќе бараат помош по потреба.

– Ние сме во редовна комуникација со владините власти, ќе ја споменеме оваа загриженост таму и ќе го дадеме нашето објаснување. Барањето ќе биде главно дека мерките за заштита да се однесуваат на затворени простории, додека надвор да биде како и досега. Доколку одлуката остане иста без подобрување, ние ќе бараме да се обезбеди потребната сума за купување за граѓаните – вели Арифи.

Градоначалниците апелираат до државните институции да го решат проблемот со злоупотребата на аптеките што продаваат маски по многу висока цена. На 43-та седница што се одржа синоќа, Владата воведе посебни мерки за Тетово, Куманово и Прилеп.