Британската премиерка Тереза Меј ќе побара од ЕУ одложување на брегзит до 30 јуни, со можност за подолго одложување, велат извори од нејзиниот кабинет, пренесува Би-би-си.

Еден министер за Би-би-си изјавил дека не бил постигнат договор во владиниот кабинет. Друг извор пак изразил фрустрација зошто премиерката не дава јасен показател за опцијата за која всушност ќе се залага.

Според сегашниот закон, Велика Британија треба да ја напушти ЕУ со или без договор за 10 дена.

Премиерката Меј вели дека на Велика Британија ќе ѝ треба кратко продолжување за да го добијат потребното законодавство преку Парламентот, ако пратениците го поддржат договорот за повлекување.

Таа предупреди дека ќе биде потребно подолго продолжување, доколку договорот не помине во парламентот, но секое одложување ќе мора да биде договорено од сите 27 земји-членки на ЕУ.

Еден извор од кабинетот рекол дека подолгото одложување би можело да биде до две години, но извори од Даунинг стрит велат дека нема конечна одлука во кабинетот за должината на продолжувањето и дека датумот не е поставен.

извор: Makfax