Немилите сцени на полувремето од средбата Шкендија – Работнички К. го обележаа последниот собир на прволигашите. Потпретседателот на “романтичарите” Коста Костовски ги обелодени притисоците на тетовчани за да се освојат бодовите на неспортски начин, а ФФМ индиректно ги призна сознанијата за сценарио “со тепање до успех”. Костовски пред сите соопшти дека Шкендија побарала препуштање на бодовите, но по состанокот со стручниот штаб и играчите ваквиот предлог бил отфрлен. Ова придонело “романтичарите” да го извлечат “подебелиот крај” во Тетово. Симптоматично е што како одговор на прашањето на Костовски зошто натпреварот не бил прогласен за висок ризик, претседателот на ФФМ, Хари Хаџи-Ристески призна дека ден пред натпреварот “куќата на фудбалот” имала сознанние дека нешто се подготвува во Тетово. Сепак, освен испраќањето на Комесарот за безбедност на местото на настанот ФФМ не се погрижила да преземе нешто поконкретно. Шкендија не сакаше да ја признае вината и како причина за немилите сцени го наведе вербалниот дуел на претседателот на Работнички К., Трифун Костовски со публиката, а претседателот Мухамед Идризи се огради од дел на управата, што работела зад нагов грб и го предизвикала инцидентот. Изјавата на Костовски дека Работнички К. не знае за шеми го “извади од такт” секретарот на Цементарница, Гоце Јовановиќ, кој тврдеше дека победата на Брегалница (директен конкурент за баражот) над новиот шампион е сомнителна, што на крајот резултираше со жолчна расправа меѓу претставниците на двата клуба. Дека сите знаеле за можен инцидент во Тетово, потврди и секретарот на Силекс, Добре Ивановски кого раководството на Вардар во Кратово го информирало оти се е подготвено за “превоспитување” на Работнички во случај да не и ги препушти бодовите на Шкендија. (С.Д.)