Поранешниот шеф на руската дипломатија, Игор Иванов, кој беше на функцијата од 1998-ма до 2004-та година, истакна дека поради актуелните тензии помеѓу Истокот и Западот се зголемува можноста за избивање на нуклеарна војна на територијата на Европа.

Иванов тврди дека опасноста од нуклеарна војна денес е најголема уште од осумдесетите години.

„Ризикот на конфронтација со употреба на нуклеарно оружје во Европа денес е највисок уште од осумдесетите години”, изјави поранешниот шеф на руската дипломатија, истакнувајќи дека точно е дека Русија и САД го намалуваат својот нуклеарен арсенал, но темпото на елиминацијата на ова исклучително опасно оружје е доста бавно.

Инаку, армиите на Русија и Соединетите Американски Држави имаат по 7 илјади нуклеарни боеви глави што претставува околу 90% од вкупниот расположлив нуклеарен арсенал во светот.

„Имаме помалку нуклеарни боеви глави, но ризикот од нивна употреба значително расте”, изјави Игор Иванов за време на неговата посета на белгиската престолнина Брисел.

Иванов на крајот заклучи дека плановите на Американците за изградба на ракетен штит на територијата на Европа е најголем виновник за подигнувањето на актуелните тензии и за влошените односи помеѓу двете најголеми светски сили.