Тендер за проектот за инсталација на електронски систем за наплата и изградба на три нови патарини долж Коридорот 8 и автопатот Миладиновци – Штип е најавен од страна на ЈП за Државни патишта, а Европската Банка за обнова и развој очекува постапката да започне на 28 декември годинава. 

Станува збор за заем од 13 милиони евра за финансирање на надградби во системот за патарина на коридорите 10 и 8, а ќе се градат три нови патарини, од кои две на автопатот Миладиновци – Штип и една на автопатот Кичево – Охрид. Се очекува нивната локација да биде покрај селата Кадрифаково, Преод и Арбиново. Во моментов автопатот Миладиновци – Штип е повеќе од шест месеци во употреба и во моментов е „најекономичен“ за возачите во Македонија бидејќи нема ниту една наплатна станица.

Зоран Китанов, директорот на „Државни патишта“, вели дека целата постапка околу тендерот треба да заврши за два месеци по што треба да биде познат операторот кој, покрај другото, ќе започне со изградба и на трите нови патарини.

– Европската банка за обнова и развој е таа што го администрира тендерот и ќе се грижи за сите детали. Ние немаме никаква поврзаност со процедурата. Но она што ќе се изгради ќе биде од голема корист за земјата, а особено еколошката одржливост со соларните панели и тоа што со побрзиот проток на возила нема да се загадува, вели Китанов.

„Сончевите панели ќе создадат 45% од потребната енергија за електронско водење на патарините. Надградбите ќе ги зголемат приходите од употреба на автопатите, овозможувајќи поодржливо управување. Граѓаните на Северна Македонија ќе имаат корист од поефикасна и позелена автопатска мрежа благодарение на заемот од ЕБОР од 13 милиони евра за финансирање на понатамошни подобрувања во постојниот систем за патарина, како и на нови електронски патарини. Со надградбите ќе се зголемат приходите, овозможувајќи им на автопатскиот систем на Северна Македонија да се финансира поодржливо“, најави ЕБОР кога изминатото лето го одобри заемот.

Сите патарини ќе бидат поврзани со оперативниот центар во Петровец, крај Скопје. Меѓу другите подобрувања, соларни панели ќе бидат инсталирани на сите 15 патарини на национално ниво за да се промовира поголема употреба на обновлива енергија. 

При потпишувањето на договорот, од Министерството за транспорт и врски и од Министерството за финансии најавија дека проектот ќе овозможи побрз транспорт, олеснет проток на возила без гужви во сообраќајот и електронски систем за наплата на патарини низ целата земја.

ЈП за Државни патишта ќе учествува со дополнителни 700.000 евра во проектот.  Предвидена е инсталација на опрема за поврзување на надградените и новите наплатни станици за патарина со оперативниот центар за патарини во Петровец. Издвоени се средства за дизајн и изградба на дополнителна лента за зголемување на капацитетот на наплатната станица за патарина на Миладиновци долж Коридорот VIII.  Во рамки на Проектот предвидени се и средства за одржување и задолжителни резервни делови за постојните наплатни станици за патарина.

Условите под кои се зема заемот од ЕБОР беа најавени како исклучително поволни – каматната стапка од 6-месечен ЕУРИБОР плус 1% (односно во моментот 1% камата) и рок на отплата од 15 и пол години со грејс-период од 4 години.

„Договорите што ќе се финансираат со средствата од грантот администриран од ЕБОР ќе бидат отворени за фирми од која било земја.Станиците беа надградени пред неколку години, а сега тие треба да бидат опремени со најсовремена технологија за да се осигурат дека патарините од системите на Коридорот X и Коридорот VIII + се меѓусебно операбилни“, се вели во најавата на тендерот.