Идната година Телеком планира да ги зголеми цените на телефонските услуги за 20 насто. Ова го тврдат извори кои имале можност да ѕирнат во бизнис-планот на компанијата кој во средината на идниот месец ќе се најде на усвојување пред бордот на директори. Претседателот на бордот, Дејан Мицковиќ истиот го има препратено до Владата на разгледување во одделни министерства за да добијат инструкции каков став да заземат при неговото изгласување.
Со зголемувањето, цената за минута разговор од сегашниот денар ќе се коригира на 1,2 денари, а веројатно промената ќе биде проследена со намалување на цени на одделни услуги (ребалансирање) и тоа по правило, (како и досега), на оние што не се од особена важност за обичниот корисник. Ваквото зголемување, наводно, се правдало со намерата за поголеми инвестиции (во ширење на АДСЛ и друго) за што биле потребни и поголеми средства.
Ваквата намера на “Македонски телекомуникации” за нов скок на цените во фиксната телефонија, веројатно, ќе помине бидејќи во моментов не постојат механизми кои би можеле тоа да го спречат. Во Бордот, Унгарците се во мнозинство, а надлежните институции, со оглед дека и натаму важи “стариот” Закон за телекомуникации, нема да имаат можност било што да преземат. Иако уште на почетокот на годинава беше донесен новиот Закон за електронски комуникации, тој се уште не заживеа, бидејќи Агенцијата која треба да го спроведува, ги нема донесено подзаконските акти ниту ги има направено потребните усогласувања со Телеком како оператор со значителна пазарна моќ.
Според Законот, компанијата беше должна во рок оде ден месец да достави референтна понуда за интерконекција, во рок од шест месеци да го понуди својот предлог за тарифите засновани на реални трошоци и предлогот за формулата за нивна пресметка. За овие работи, потоа Агенцијата требаше да преговара со Телеком. Наместо тоа, допрва се чека на изборот на консултантот за усогласување на ставовите. Со ова на некој начин се потврдија стравувањата дека иако беше донесен нов Закон кој не беше по мерка на Македонски телекомуникации, со неисполнување на она што во него е зацртано се продолжи монополот на компанијата, а со тоа и се “оправда” дивидендата од 45 милиони евра.


Зденка ПАВКОВИЌ