Телеком ќе обезбеди простор за легална конкуренција
Со новиот Закон за електронски комуникации, Телеком е определен како оператор со значителна пазарна моќ што условува и исполнување на одредени обврски за кои се дадени рокови. Според една од нив компанијата досега веќе мораше да обезбеди можност за избор и предизбор на оператор, што е и еден од условите за појава на конкуренција. Дали ја исполнивте оваа обврска?
-Стратешката определба на Република Македонија за либерализација на пазарот за телекомуникациски услуги, утврдена со новиот Закон за електронски комуникации, подразбира обезбедување простор за појава на нови учесници во една нова и динамична пазарна средина. Согласно тој закон и концесискиот договор, АД Македонски телекомуникации (МТ), како доминантен телекомуникациски оператор има обврска да обезбеди соодветни технички услови кои ќе им овозможат на претплатниците на МТ пристап до услугите на новите потенцијални оператори на пазарот. МТ веќе од поодамна работи на тоа да ги исполни сите обврски дефинирани со Законот за електронски комуникации. Од аспект на својата подготвеност, со приспособување на своите капацитети, МТ е целосно технички подготвен, за обезбедување на наведените услуги во законот.
Во обврските кои ви се наложени е и доставување план кој гарантира дека вашиот систем има капацитет за овозможување на избор на оператор. Дали Телеком има таков капацитет и што содржи тој план?
-Планот за обезбедување на капацитет, навремено, согласно со роковите предвидени со Законот е доставен до Агенцијата за електронски комуникации. Тој содржи спецификација на активностите на МТ потребни за соодветно приспособување на телекомуникациската мрежа (обезбедување на капацитети) согласно со барањата и роковите во законот. Сепак за целосна либерализација, потребно е да се појават нови инвеститори кои ќе најдат интерес да вложуваат и да ги користат можностите на нашата телекомуникациска мрежа.
Како компанија со значителна пазарна моќ до Агенцијата требаше да доставите и референтна понуда за интерконекција, врз база на што идните телекомуникациски оператори ќе знаат под кои услови ќе работат, односно ќе ги формираат цените? До каде сте во тој поглед?
-Референтната понуда на АД Македонски телекомуникации е доставена до Агенцијата за електронски комуникации на почетокот на август, согласно со роковите од Законот. Во моментов тече законскиот рок од 30 дена на Агенцијата за одобрување на истата.
Телеком во времето кога се продаваше беше оценет како една од технички најразвиените телекомуникациски компании на Балканот. Каква е сегашната состојба и што доби компанијата во технолошка смисла со промена на сопственоста?
-Со новата сопственичка структура, МТ остана една од технолошки најразвиените компании во регионот. Тоа се должи секако и на пренесените искуства од стартешките инвеститори МАТАВ и Дојче телеком, кои МТ ги користи во своите развојни планови. Конкретно, МТ во овој период продолжи со модернизација на системите, постигнувајќи 100% дигитализација на мрежата, на почетокот на 2004 г. Се воведе ИН (интелегентна мрежа) платформата што овозможи воведување и развој на услуги, како што се при-пеид, теле-воутинг, блу/греен броеви, се воведе услугата “говорна пошта”, итн. Во овој дел особено сме горди на развојот на таканаречените широкопојасни услуги. Тука, секако, треба да се истакне АДСЛ-услугата, која покрај брзиот пристап до интернет, ќе биде и основа за воведување на дополнителни услуги, како ИП-ТВ (видео) и други услуги за кои се потребни поголеми брзини на пренос на податоци.
Во овој период дадовме особено значење и на подобрување на интерните процеси. Со инвестирање во информатички системи ја зголемивме ефикасноста во работењето, со цел на корисниците да им обезбедиме побрз пристап до услугите на МТ, како и до сите информации кои им се потребни во врска со нив. Тоа е дел и од стратегијата на МТ за корисничко ориентирање на компанијата, каде што брза реакција на барањата на корисниците секако е најбитна. На овој начин во МТ се работи на подигнување на нивото на квалитетот на услугите, што јас лично сметам дека е една од најбитните алатки која ќе ја обезбеди иднината на МТ во услови на конкуренција. ЗначИ, МТ и со новите сопственици продолжува со технолошкиот развој, сега користејќи ги и нивните искуства, со цел на своите корисници да ом обезбеди пристап до услугите од областа на телекомуникациите кои ги имаат и граѓаните не само во регионот, туку и на земјите во ЕУ.