“Македонски телекомуникации” незаконски го наплатува манипулативниот трошок што е пресметан во јулските телефонски сметки што граѓаните и фирмите ги добиваат деновиве. Комисијата за заштита на конкуренцијата му забрани на Телеком почнувајќи од први јули да го наплатува манипулативниот трошок во висина на 2 проценти од реализираниот телефонски сообраќај. Од Комисијата велат дека Телеком мора да ја почитува забраната и да постапи по неа. – Очекуваме Телеком да ја почитува нашата одлука и во јулските сметки да не го пресмета манипулативниот трошок. Во спротивно ќе поведеме прекршочна постапка за компанијата до Основниот суд во Скопје. Согласно со одредбите на новиот Закон за заштита на конкуренцијата, за ваков прекршок Телеком може да биде казнет до 10 проценти од вкупните приходи што ги остварила компанијата минатата година – децидни се од Комисијата. Телеком уште од 1977 година го наплатува овој манипулативен трошок со образложение дека претставува надоместок за покривање на трошоците за пресметување и достава на телефонските сметки. По тој основ, Телеком само минатата година остварил приход од 99.660.997 денари што е над 1,6 милиони евра, а само во јануари годинава наплатил 277.000 евра. Од Комисијата за заштита на конкуренцијата велат дека пресметувањето и наплатата на манипулативен трошок како посебен надоместок, претставува злоупотреба на доминантната позиција на фиксниот оператор. Комисијата уште во април годинава донесе решение со кое му забрани на Телеком да го наплатува тој надоместок, по што компанијата го обжали. – Комисијата ја отфрли жалбата и во јуни донесе ново решение кое е обврзувачко за Телеком да го спроведе и од јулските сметки да го исфрли манипулативниот трошок. Компанијата има право на жалба до Врховниот суд, но тоа не го одложува извршувањето на забраната – нагласуваат од регулаторното тело. Оттаму велат дека надлежните во Телеком ја прифатиле одлуката и усмено гарантирале дека ќе ја спроведат. Комисијата за заштита на конкуренцијата досега покренуваше неколку постапки против Телеком и му укажуваше дека незаконски прибира пари од граѓаните по основ на манипулативен трошок. Таквите укажувања беа безуспешни бидејќи немаше законска одредба со која забранува да прибира средства за покривање на трошоците за пресметување и достава на телефонските сметки. Мобилните оператори иако ги имаат истите трошоци како и Телеком, не пресметуваат манипулативен трошок.


Светлана БЛАЖЕВСКА