Од “Македонски телекомуникации” тврдат дека не наплатуваат манипулативен трошок во сметките за фиксна телефонија. Од компанијата се категорични дека ја почитуваат одлуката на Комисијата за заштита на конкуренцијата со која на Телеком му се забранува да наплатува манипулативен трошок во висина од два проценти од реализираниот телефонски сообраќај. Сепак, во последните сметки за јули што граѓаните и компаниите ги добиваат деновиве, де факто Телеком наплатува манипулативен трошок, но во фиксен износ. – Одлуката на Комисијата за заштита на конкуренцијата од страна на “Македонски телекомуникации” е испочитувана. Телеком уште од јунските сметки не врши наплата на манипулативен трошок во висина од два проценти од реализираниот сообраќај. Меѓутоа, заради покривање на трошоците за подготовка на месечните сметки, воведен е фиксен износ кој за корисниците на минималниот пакет изнесува 6 денари, за граѓаните – 25, а за правните лица-фирмите изнесува 50 денари – вели портпаролката на “Македонски телекомуникации”, Валентина Недкова. Од Комисијата за заштита на конкуренцијата, како што пишуваше “Вечер” се децидни – пресметувањето и наплатата на манипулативен трошок како посебен надоместок претставува злоупотреба на доминантната позиција на фиксниот оператор, поради што тој треба да ја исфрли оваа давачка од сметките. – Плаќањето на посебен надомест на име манипулативни трошоци не е предвидено ниту со стандардниот договор на Телеком за засновање на претплатнички однос со корисниците. Трошоците за пресметка и достава на сметките, претплатниците ги плаќаат со надоместокот за користење на основните и дополнителните услуги, а во согласност со цените и тарифите содржани во ценовникот на “Македонски телекомуникации”. Исто така, манипулативните трошоци се содржани во делот на нерегулираните цени пропишани со договорот за концесија, што Телеком го има склучено со ресорното министерство за транспорт и врски – нагласуваат од Комисијата. За непочитување на забраната за наплата на манипулативен трошок, Телеком може да биде казнет до 10 проценти од вкупните приходи што ги остварила компанијата минатата година. Од Комисијата велат дека против Телеком ќе биде поведена прекршочна постапка.


Светлана БЛАЖЕВСКА