Телеком, Мобимак и Космофон без тезги
“Македонски телекомуникации” и двата мобилни оператори Мобимак и Космофон не се претставуваат на 12. Меѓународен саем на компјутери и телекомуникациска опрема “ИНФОКОМ 2006”. Ова е втора година како операторите немаат интерес да ги претстават своите нови производи, поради што се претпоставува дека тоа е една од причините за слабата посетеност на оваа саемска манифестација. Претседателот Бранко Црвенковски на отворањето на саемот рече дека користењето на придобивките на технолошката револуција и слободниот пристап до информациите се најкусиот пат до обезбедување на рамноправно учество и активна позиција на граѓаните во новата глобална дигитална ера. Црвенковски нагласи дека еден од основните приоритети што најитно бараат реализација е да се овозможи достапност на информатичката технологија до што поширок круг корисници. Во првата и втората хала на Скопски саем околу 200 фирми од повеќе држави ги претставуваат најновите достигнувања во информатиката. (С. Бл.)