Телеком книжи милионски камати на сметка на Владата
Најмалку три милиони евра камата за само еден месец ќе земе Телеком откако 100-те милиони евра од ланската добивка ги префрли на сметките во Тутунска и Стопанска Банка и ги орочи. Овие две, од вкупно четири пријавени банки се избрани на тендерот што неодамна го објави “Македонски телекомуникации”. Тутунска и Стопанска банка на Телеком му понудиле најдобри услови – гаранција за еднократна исплата на парите и месечна камата од 3 до 3,5 проценти за орочување на милионите евра за само еден месец.
Овие пари, со одлука на Бордот на директори од 29 мај, како што дознава “Вечер” се префрлени на сметките во комерцијалните банки со намера да бидат искористени за исплата на дивиденда откако ќе заврши финансиската ревизија на Американската комисија за хартии од вредност и Њујоршката берза во Дојче Телеком, фирма-мајка на Маѓар телеком, во чија сопственост е македонскиот Телеком. До тогаш, ќе тече милионската камата.
Според информациите од Бордот на Телеком, другите две банки Комерцијална и ИК банка, не ги исполниле барањата на Мактел. ИК банка побарала да чува помала сума, а Комерцијална банка не се согласила со дезивната клаузула на орочените средства, така што останале само Стопанска и Тутунска, кои ќе “вртат” по 50 милиони евра во следните 30 дена.
Дивидендата за 2005 година доцни поради проблеми во врска со наводната проневера на пари во “Македонски телекомуникации” во 2004 и 2005 година. Се зборува дека со амин на главниот извршен и главниот финансов директор на Телеком, Атила Сендреи и Ролф Плат биле префрлени околу 10 милиони евра на кипарската фирма “Чаптекс холдинг” за консултантски услуги што не биле извршени.
Владата се надеваше на парите во април и мај, а според оптимистичките најави на Телеком, Владата би требало да ги добие некаде во јуни двете дивиденди заедно. Она што е познато е остварениот вкупен профит од 169 милиони евра на Т-Мобиле и Телеком. Според првичните пресметките, дивидендата за 2006 година би изнесувала околу 50 милиони евра. Првично, Телеком на македонската Влада и понуди да и исплати позајмица за дивидендата за 2005 година, додека се донесе дефинитивната одлука, но премиерот Никола Груевски го одби непристојниот предлог.
Вицепремиерот Зоран Ставревски вчера изјави дека нема никакви најави за исплата на двете дивиденди од Телеком. Тој вели дека најверојатно станува збор за пари на Телеком, кои се чуваат во коменцијалните банки.
Ивона ТАЛЕВСКА
Радмила Ј. НИКОЛОВСКА