Македонските текстилци конечно застанаа на нозе по шокот од 2009 година кога поради светската економска криза драстично им паднаа нарачките од западноевропските партнери, констатира Здружението за текстилна индустрија и конфекција при Стопанската комора на Макеоднија. Дека се подобруваат состојбите во текстилниот сектор, кој во вкупниот извоз од државата учествува со 13,3 проценти и ангажуира до 37 отсто од вработените во преработувачката индустрија потврдуваат статистичките податоци.

Според Државниот завод за статистика од 2014 до 2015 година производството на текстилни ткаенини се зголемило за 14,8 насто, а на облека за 6,7 проценти. Во јануари годинава во однос на јануари лани има скок на производството на текстилни ткаенини за 18,8 проценти, додека кај производствотo на облека има пад од 17,2 отсто.

– Текстилот полека но сигурно се враќа на процентите на раст на извозот што ги имаше пред кризата. Тоа е резултат на зголемената побарувачка од нашите традиционални партнери, вели претседателот на Здружението Ангел Димитров и додава дека и иднината на текстилната индустрија најмногу зависи од економијата на земјите од Западна Европа, но делумно и од случувањата во нашата држава.

Тој посочува дека платите на вработените во текстилната индустрија се во пораст и во просек сега изнесуваат 14.100 денари, што е далеку над загарантираниот минимум, а токму тоа може да предизвика странските партнери да го преселат производството во земјите каде работната рака е поевтина. Но, и покрај тоа, се очекува дека ова индустрија и во наредните години ќе има перспектива, зашто произведува таканаречена бутик стока, осдносно мали серии кои на европските партнери им е исплатливо да ги порачуваат од Македонија поради близината.

Втор проблем на домашен терен на кој посочува Димитров е обезбедувањето квалиикувани работници, бидејќи, како што вели, за плати повисоки за една до една ипол илјади денари, странските инвеститори во зоните им ги преземаат обучените работници на домашните компании. Затоа преку Комората се бара Владата да ги насочи странските инвеститори работниците да ги бараат преку Агенцијата за вработување, а потоа самите да ги обучуваат.

Уште едно брање доставено до надлежните во државата е и готовиот текстил да се ослободи од ДДВ при извоз. Истовремено, од Здружението им советуваат на домашните компании да вложуваат и да го осовременат производството, за да ги зголемат продуктивноста и конкурентноста.

(С.Ву.)