Тевез им ја замати радоста на петлите
За да имаш успех во фудбалот, освен квалитетни имиња и моќни спонзори, потребно е и да поседуваш одредена доза на среќа. Со оваа важна алка од фудбалската игра не може да се пофали актуелниот менаџер на лондонскиот премиерлигаш, Тотенхем, Хуанде Рамос. Неговите избраници ја испуштија минималната предност пред последниот судиски свиреж и на крајот мораа да се задоволат со еден бод во дуелот со актуелниот шампион, Манчестер Јунајтед. Израмнувачкиот погодок беше дело на аргентинскиот интернационалец, Карлос Тевез.
– Не можеш да мислиш на загубени два бода кога играш против најголемиот фаворит за шампионската титула. Точно е дека бевме блику до историски успех, но фудбалот се игра се до последниот судиски свиреж. Двата тима покажаа квалитетна игра. Мора да му честитам на противникот. Дадоа се од себе само да не заминат со наведнати глави од “Вајт Харт Леин”, изјави поранешниот тренер на Севилја.
За разлика од “црвените ѓаволи” сигурен триумф на гостувањето кај Манчестер Сити, забележа новиот лидер на табелата, Арсенал.
– Сега е јасно. Ова е трка на три коња. Сите имаме подеднакви шанси за шампионската титула. Сезонава ќе биде одлучена со неколку индивидуални потези. Не знам дали тие ќе бидат на Адебајор, на Кристијано Роналдо или на Дидие Дрогба. Наше е да се бориме и да веруваме во нашите квалитети без разлика на противникот, изјави менаџерот на “топчиите”, Арсен Венгер.
Скромен бод на гостувањето кај Портсмаут, освои вториот лондонски фаворит за шампионскиот трон, Челзи.
– Достижен е овој минус од шест бода. И моите фудбалери се согласуваат со ова. Тоа е најважно барем за мене. Не одигравме како што се договоривме и на крајот испуштивме важни бодови. Мора да ги надоместиме во дуелите со најголемите ривали”, изјави менаџерот на “сините”, Аврам Грант.
Резултати: Манчестер С. – Арсенал 1:3 (Фернандез 28′ – Адебајор 9′, 88′, Едуардо 26′), Бирмингем – Дерби 1:1 (Ларсон 68′ – Вилја 87′), Блекбурн – Евертон 0:0, Портсмаут – Челзи 1:1 (Дефо 64′ – Анелка 55′), Ридинг – Болтон 0:2 (Нолан 34′, Хелгусон 57′), Тотенхем – Манчестер Ј. 1:1 (Бербатов 21′ – Тевез 90′), Виган – Вест Хем 1:0 (Килбејн 45′), Ливерпул – Сандерленд 3:0 (Крауч 57′, Торес 69′, Жерард 89′ пен).
ПРЕМИЕР ЛИГА
1. Арсенал 25 18 6 1 52:18 60
2. Манчестер Ј. 25 18 4 3 49:12 58
3. Челзи 25 16 6 3 38:17 54
4. Евертон 25 13 5 7 40:23 44
5. Ливерпул 24 11 10 3 40:17 43
6. Астон Вила 24 11 8 5 43:31 41
7. Манчестер С. 25 11 8 6 32:28 41
8. Блекбурн 25 10 9 6 32:31 39
9. Портсмаут 25 10 8 7 35:26 38
10. Вест Хем 24 10 6 8 29:22 36
11. Тотенхем 25 7 8 10 45:41 29
12. Њукасл 24 7 6 11 27:42 27
13. Болтон 25 6 7 12 26:34 25
14. Мидлзбро 24 6 7 11 21:37 25
15. Виган 25 6 5 14 24:40 23
16. Сандерленд 25 6 5 14 24:45 23
17. Ридинг 25 6 4 15 30:52 22
18. Бирмингем 25 5 6 14 24:37 21
19. Фулам 24 2 10 12 23:42 16
20. Дерби 25 1 6 18 13:52 9