Театарот ,,Војдан Чернодрински”, при ЦК ,,Марко Цепенков” од Прилеп со претставата “Kiril i Metodij who are you” од Плевнеш, во режија на Мартин Кочовски, во недела (20 септември) ќе настапи на 22. издание на меѓународниот фестивал на Екс Понто во Љубљана, Словенија.

Претставата, деновиве ја доби и наградата за најдобра претстава на НЕТА во рамките на годинашното издание на фестивалот “Ристо Шишков” во Струмица.

Ова е четврто гостување на прилепскиот театар на овој реномиран меѓународен фестивал на изведувачки уметности, кој годинава е мод мотото “Само мој свет”.

– Задоволство ни е што повторно гостуваме на Екс Понто, бидејќи ова е копродукцискиот проект со НЕТА. Фестивалот Екс Понто имавме чест еднаш да го отворивме, еднаш да го затворивме, а со “Кавкаскиот круг со креда# од Брехт, во режија на Мартин Кочовски бевме апсолутни победници, што значи дека љубљанската публика одлично го познава нашиот ансамбл – велат од театарот.
Претставата “”Kiril i Metodij who are you” светската премиера ја имаше на 2 септември во Букурешт, а праизведбата беше на 14 август на “Охридско лето”.

Театарот по враќањето од Љубљана продолжува со настапи на фестивали низ Македонија. На 25 септември ќе гостува во Штип, каде на детскиот фестивал ќе ја изведе “Како се станува цар# во режија на Кирил Петрески.

На крајот на септември гостува во Тетово на 4-от меѓународен театарски фестивал каде ќе ја прикаже “Буре барут” во режија на Наташа Поплавска, додека во октомври со претставата “Премиера во…” во режија на Коле Ангеловски, ќе настапи на фестивалот “Денови на комедијата”# во Куманово.