ТВ претплатата – во сметките за струја
Додека не профункционира новиот начин на собирање на радиодифузната такса (преку инкасатори), МРТВ и натаму ќе се финансира од Буџетот на државата. Ова амандманско решение на Комисијата за транспорт, врски и екологија иако не беше прифатено од страна на ресорниот министер, Џемали Мехази, сепак доби зелено светло од пратениците. Со овој амандман се враќа старото решение, со кое шест месеци по донесувањето на новиот закон за радиодифузна дејност, радиодифузната такса ќе се прибира преку сметките за струја и ќе влегува во Буџетот на државата, а оттаму ќе се финансираат сите корисници од оваа такса.
За претседателот на Комисијата за транспорт, Томе Тромбев, ова е само избалансирано решение за преодното финансирање на МРТВ во транзициониот период од половина година, кога јавниот сервис не почне сам со прибирањето на радиодифузната такса.
Пратениците изгласаа уште еден амандман што не беше прифатлив за министерот Мехази, а се однесува на членот 119 од Предлог-законот за радиодифузна дејност. Имено, се враќа старото решение кое беше содржано во оригиналната верзија на законот поднесен од Владата, а според кое се овозможува еднаков третман на собранискиот канал и на сателитската програма на МРТВ. Работата на овие два канали ќе биде на товар на Буџетот, додека првата програма и онаа на националностите ќе ги финансира МРТВ. (С. Бл.)