Изминатите неколку денови грчките медиуми шпекулираат за нова, тајна средба во Виена помеѓу министрите за надворешни работи на Грција и Македонија, Никос Коѕијас и Никола Димитров.

Според тамошните медиуми, средбата на која ќе присуствува и медијаторот Метју Нимиц е иницирана од изјавата на Коѕијас за грчкото радио 247 дека е прекратко времето за Македонија до јуни да влезе во НАТО.

А1он се обрати до министерството за надворешни работи, но оттаму ниту ја потврдуваат ниту пак ја демантираат оваа информација. На последната средба на Коѕијас и Димитров во Охрид беше соопштено дека следната нивна средба ќе биде на 3 и 4 мај во Солун, а потоа и на 11 и 12 мај.

По средбата во Охрид македонскиот министер за надворешни работи, Димитров изјави дека за прв пат со неговиот колега Коѕијас разговарале за временска рамка во преговорите и начинот на имплементирање на евентуално решение. Напредокот во преговорите го потврдија и двајцата министри, но исто така истакнаа дека остануваат најтешките прашања во решавањето на спорот за името.

Виктор Јованов

извор: Makfax