Косовскиот претседател, Хашим Тачи наведе дека е непростливо идните генерации да бидат заложници на недостатокот од храброст на политичарите од Косово да го решат конфликтот со Србија.

„Мораме да размислиме за нашите достигнувања, предизвиците и наследството кое им го оставаме на нашите деца. Би било непростливо на идните генерации да им оставиме иднина во која би биле заложници на популистички акти и недостатокoт од храброст во решавањето на вековниот конфликт со Србија“, напиша Тачи на „Фејсбук“.

Тој додаде дека верува оти со взаемното признавање помеѓу Белград и Приштина ќе биде отпочнат процес на суштинска трансформација на косовското раководство и начинот на управување.

„Уверен сум дека по договорот ќе почне нова ера, каде никој никогаш нема да може да претендира дека ќе добие гласови во име на недовршената политичка борба со Србија. На Косово му е потребна оваа трансформација за ефикасни институции, управување фокусирано на реформи, економски развој и социјална благосостојба. Им го должиме тоа на нашите деца“, порача Тачи на „Фејсбук“.

извор: Makfax