Англиските новинари, за време на минатогодишниот Вимблдон, забележаа дека новата тениска ѕвезда од Франција, 17- годишната Татјана Головин го привлече вниманието на младиот принц Вилијам. Тој беше забележан, како, со особено внимание од кралската ложа го гледа нејзиниот меч, па дури и дека навива за неа. Таа, во тинејџерски стил одговори дека, иако е мал за неа, “ќе го почека да порасне” и дека не е мала работа, “еден принц да биде мој фан”. Едно, сепак, е јасно. Головин се повеќе е во центарот на вниманието на јавноста, како поради своите извонредни игри последниве година дена, така и поради својата атрактивност на теренот и надвор од него. Тања веќе има потпишано неколку рекламни договори со јаки брендови, а најави дека за време на годинешниот Ролан Гарос, на терените ќе излезе во нова спортска линија, чие име се држи во тајност. Новата тениска принцеза е родена московјанка, а нејзиниот татко, кој бил хокеарски тренер, заминал со семејството во Париз, кога Тања имала само 8 месеци. Нејзин мајчин јазик е францускиот, а англискиот и рускиот, исто така, го зборува течно. На седумгодишна возраст се преселуваат на Флорида, каде што почнува со тенисот во академијата на Ник Болитиери, претходно гледајќи ги видеоснимките на нејзиниот идол, Ана Курникова. Моментно се наоѓа на 25. место на ВТА-листата, откако направи стравотен скок од речиси 300 места за само неколку месеци.