Стандардниот првотимец во дресот на Есторил, Матеус де Андраде Гама де Оливеира, во новата клупска сезона ќе го носи дресот на португалскиот гигант Спортинг од Лисабон. За да ги осигураат услугите на офанзивниот играч за врска, раководните лица на “зелено-белите# мораа да одвојат околу милион евра за обесштетувањето.

Матеус потпиша 4-годишен договор, а ослободителната клаузула ќе биде активирана само доколку официјалната понуда за неговите услуги не биде помала од 60 мил. евра.

Сепак, од сите информации за овој фудбалер, најинтересна е таа дека е син за легендарниот репрезентативец на Бразил, Бебето.

Хозе Роберто Гама де Оливеира,кој е попознат како Бебето, освен по фудбалските квалитети, познат е и по оригиналната прослава на погодокот кој го постигна во 1/4 финалниот дуел од Светското првенство во 1994 година. Откако ја затресе мрежата на холандската репрезентација, Бебето се упати кон корнер знаменцето и со рацете гестикулираше дека лула бебе. Веднаш му се приклучија Ромарио и Мазињо, а по натпреварот, Бебето откри дека два дена претходно, роден е неговиот син, Матеус.

Репрезентативецот на Бразил откри дека синот го има крстено по легендарниот репрезентативец на Германија, Лотар Матеус.