Тапиите одат во историјата
Повеќе од половина Македонија е неевидентирана, односно надвор од земјишните книги. Во моментов, само 45 отсто од територијата на Македонија е покриена со катастар на недвижности, а за околу 60 до 70 од становите во катастарските книги се запишани правата на сопственост. Слична е состојбата и со земјиштето, особено во руралните средини, каде што голем процент не се прописно запишани во Катастарот и се уште се применува тапијата, која како правно право одамна е напуштена работа. Оттаму произлегуваат и големиот број спорови во апелационите судови, поврзани токму со сопственоста на земјиштето.
Средување на лошата состојба во која работи Катастарот, во земјава се очекува по донесувањето на измените и дополнувањата на законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите, што веќе се влезени во собраниска процедура. Измените треба формално да овозможат до 2009 година целата територија на Македонија да биде покриена со катастар на недвижности. Големиот број проблеми со кои се судираат не само граѓаните, туку и службите, а што поради големиот број процедури се предвидени за запишување на катастарските парцели во катастарските книги, ќе бидат решени токму со реформите во Катастарот, кој треба да прерасне во ефикасна институција – сервис на граѓаните, која сама ќе се финансира. Со реформите, коментираат познавачите на состојбите, трансакциите поврзани со пазарот на недвижности, за кои сега се чека со месеци, ќе се решаваат за само еден ден.
Најважната придобивка од измените на овој закон е што се разбива монополот на Заводот за геодетски работи, односно ќе се воспостави приватна геодетска пракса, со цел граѓаните брзо и ефикасно да ги завршуваат своите оперативни работи.
За востановување на Катастарот на недвижности на целата територија на државава, ќе бидат потребни 17,8 милиони евра. Светската банка веќе и одобри на Македонија 10,3 милиони евра за подобрување на процедурите за запишување на правата на недвижности и регистрација, а шведската влада преку проектот СИДА веќе донираше три милиони евра за обука на вработените. Од норвешката влада е одобрен крадит од 2,5 милиони евра за проектот за “електронски катастар”, а со 1,5 милиони евра ќе учествува и државата.
Светлана БЛАЖЕВСКА