Утре точно напладне ќе продолжи конститутивната седница на Собранието на која треба Талат Џафери да биде избран за старо-нов претседател на Парламентот.

По седницата, мандатарот Зоран Заев на Џафери ќе му ја достави програмата за работата на владата за идниот четиригодишен мандат како и кадровските решенија за првиот владин ешалон, велат за Плусинфо учесници од состанокот на СДСМ со партнерите од коалицијата „Можеме“.

На продолжението на конститутивната седница треба да се избере и комисијата за избори и именувања.

Ова Заев им го соопштил на партнерите на кој им го презнтирал договорот за влада со ДУИ.

Според учесниците на средбата, договорот поминал кај коалициските партнери, кои пак, на нови одделни средби ќе договараат делот од владиниот колач, односно заменик-министерските места, како и директори на агенции.