Таен конкурс за продажба на флотата на СЦГ?
Министерството за одбрана на Црна Гора пред извесно време распишало таен конкурс за распродажба на воената флота на поранешната државна заедница СЦГ, пишува риечки “Нови лист”.
Бидејќи Србија повеќе нема море, а и не знае што да прави со застарените пловила, воените бродови и подморниции се уште чмаат во црногорските пристаништа. За да не пропаднат, наводно, на Црногорците им текнало да ги продадат, потег кој веќе имал ефекти.
Бројни воени бродови и подморници кои се употребливи веќе им паднале в око на купувачи од Египет, Саудиска Арабија, Индонезија, но и на други заинтересирани држави, главно од Африка и Азија. Изложените експонати ги разгледале и словенечките стручњаци, кои биле заинтересирани за купување на подморницата П-823 којашто некогаш била гордост на моќната флота на Југославија. Нивната намера не е повторно да ја стават во функција, туку од неа да направат музејска и туристичка атракција.