Тадиќ бара одлагање, Ахтисари не прифаќа
Претседателот на Србија Борис Тадиќ најави дека од амбасадорите на членките на Контакт групата ќе побара датумот за продолжување на преговорите за идниот статус на Косово и Метохија во Виена да се усогласи со конституирањето на новото свикување на Собранието на Србија.
Како што пренесуваат белградските медиуми, тоа би значело поместување на рокот за преговори за десетина дена. Овој став, Тадиќ рекол дека ќе му го пренесе и на американскиот преставник во преговорите за Косово Френк Визнер како и на членовите на тројката од Европската Унија, австрискиот министер за надворешни работи Штајнмајер, Оли Рен и Хавиер Солана.
По ваквите најави од Белград, Марти Ахтисари реагираше во интервју за “Фајненшел Тајмс” каде што изјави дека нема намера да ги менува роковите, па затоа Советот за безбедност на ОН ќе се состане на крајот од овој месец за да го разгледа планот за Косово. Според финскиот дипломат, постојаните одлагања не водат никаде, затоа што е сосема малку веројатно дека Белград и Приштина ќе постигнат компромис. Ахтисари смета дека дополнителното време што би го побарал некој нема да може да ги смени работите.
Ахтисари во “Фајненшел тајмс” ги става под сомнеж и аргументите на Русија дека независно Косово ќе биде преседан за сите други територии што сакаат да се отцепат, како што се Абхазија и Јужна Осетија во Грузија.