Израелскиот премиер Бенџамин Нетанјаху допрва треба да ги испегла деталите со САД  како и со алтернативниот премиер Бени Ганц во врска со неговите планови за анектирање на делови од Западниот Брег и долината на Јордан, пренесува израелското „Армиско радио“.

„Има недоречености меѓу Американците и нас по ова прашање и помеѓу нас и нашиот постар партнер во владата, „Сино и Бело“. Сè уште нема договорена мапа за ова прашање. Таа треба да биде договорена од делови на (израелската) влада и од американска страна“, изјави министерот за прашања на населбата Ципи Хотовели,  кој штотуку е назначена за амбасадор во Велика Британија.

Ганц го поздрави широкиот дијалог по ова прашање од страна на меѓународната заедница. Претставникот на ЕУ за палестинските територии, Свен Кун фон Бургсдорф, рече дека ако се случи анексијата, ќе има последици врз односите меѓу Израел и ЕУ.

Ганц во четвртокот рече дека разговарал со шефот на ЕУ за надворешна политика,  Џозеф Борел и нагласи дека ќе работат  преку дипломатски канали на одржување отворен дијалог со Европската заедница и со регионалните партнери, правејќи сè што е потребно за да се заштити безбедноста на Израел. Тој не го спомна прашањето за анексија.

Во меѓувреме, повеќе од 100 експерти за меѓународно право потпишаа писмо во кое го повикуваат Нетанјаху да продолжува со оваа идеја, нарекувајќи ја флагрантно кршење на правилата на кои се темело  меѓународното право и сериозна закана за меѓународната стабилност во проблематичниот регион.

Нетанјаху вети дека ќе започне со анексијата, со благослов на САД, на 1 јули, датумот означен во неговиот договор за коалиција со Ганц. Сепак, официјалните лица велат дека во првата фаза, премиерот веројатно ќе објави анексија само на трите големи еврејски населби Меале Адумим, Ариел и Гуш Ецион, без да ги чепка засега долината на Јордан или остатокот од Западниот Брег.

Овие три области се во рамките на поширокиот консензус, како во Израел така и во САД, за ставање под израелскиот закон. Властите велат дека одлуката да се фокусираат на помалку спорните области ги зема предвид односите на Јордан со САД.

Претхоно неделава, палестинскиот премиер Мохамед Штајхе предупреди дека ако Израел продолжи со плановите, Палестинците еднострано ќе прогласат држава заснована на линиите пред 1967 година. Но палестинската самоуправа не успеа да организира протести против анексијата, успевајќи да привлече едвај 200 луѓе на протестот во Рамалах.

Мировниот план на администрацијата на Трамп предвидува Израел да анектира 30 отсто од Западниот Брег и долината на Јордан. Исто така, предвидува демилитаризирана палестинска држава основана на поголемиот дел од Западниот Брег со делови од источен Ерусалим, кои се наоѓаат надвор од израелската безбедносна ограда како нејзин главен град.

 

извор: Makfax