Вчера, Управата за јавни приходи суспендира четири даночни инспектори кои по свое наоѓање отвориле пет од неодамна затворените 56 дуќани во Битола. Двајца инспектори се од Крушево, еден од Охрид и еден од Прилеп, на кои им се одземени легитимациите, а како што дознаваме против нив Управата подготвува и кривични пријави поради сомнение дека зеле мито. Целиот предмет, деновиве, ќе биде предаден и на Антикорупциската комисија. Како што вчера соопштија во Републичката УЈП, овие инспектори ги уважиле жалбите на сопствениците на петте дуќани, но во УЈП постои основано сомнение дека прифаќањето на приговорите е неосновано, за што деновиве ќе се изјасни и внатрешната ревизија на Управата. Првиот човек на регионалната дирекција на УЈП -Битола, Митко Крстевски вели дека акцијата во овој град била спроведена без пристрасности и селективност и дека сите обвинувања на дуќанџиите се неоправдани. Тој потенцира дека даночните обврзници биле следени подолг период од аспект колку приходи остваруваат и колку вработени имаат и дека притоа се утврдени голем број неправилности во нивното работење, при што го потенцира случајот со една фирма во Битола која не пријавила ниту денар промет, а истовремено пријавила кражба на пари и чекови. Фарук Омери, заменик-генерален директор на Републичката УЈП објави дека вакви организирани акции за фискализацијата, деновиве, продолжуваат во сите градови во земјава. Завчера, ваква акција е спроведена во Охрид при што од вкупно 200 исконтролирани објекти, затворени се 26. Само во текот на овој месец во државава направени се вкупно 1706 контроли, при што се издадени решенија за забрана за вршење на дејност на 268 правни субјекти. Дека нема селективност во контролите, говори и податокот дека лани од вкупно затворените 680 објекти поради немање фискална каса или не издавање фискална сметка, 162 се во реонот на Тетово, Гостивар, Кичево и Дебар. А завчера даночните инспектори повторно го провериле тетовско -гостиварскиот регион, каде што е констатирано дека дел од спортските обложувалници кои минатата недела се затворени поради непоседување лиценца за работа, повторно работат, за што против сопствениците се покренати кривични пријави, а локалите се уште еднаш пломбирани. Од УЈП информираат дека степенот на фискализацијата достигна 65 отсто и дека до крајот на годинава таа ќе се заокружи. Деновиве, конечно, е одобрен тип на таксиметар за фискализацијата на таксистите, а меѓу другото, се работи и на изнаоѓање начин за ставање во фискална машина на адвокатите и нотарите.


Весна М. БОЖИНОВСКА