Шестиот тендер за продажба на велешката МКХ “Злетово” повторно пропадна. Единствениот Комбинат на обоената металургија во земјава не може да биде продаден оти велешкиот Основен суд и судијата Лидија Димовска на барање на “Инвестас” од Скопје и “Фило Бизнис” од Панама донесе привремена мерка за стопирање на продажбата. Холандската компанија од Амстердам “Ресурсис” се откажа од купување на велешката Топилница. Холанѓаните бараат учеството од десет отсто на тендерот или 760.000 евра да им биде вратено. Според претставникот на компанијата “Ресурсис”, Костантинос Даскалакис, иако на последниот тендер понудиле највисока цена од 7.601.000 евра и биле избрани за идни соственици на МХК “Злетово”, сепак се откажуваат. Даскалакис е изненаден од одлуката на Судот. Тој смета дека одлуката се коси со претходната одлука од скопскиот Апелационен суд со која барањето на “Инвестас” и “Фило бизнис” за добивање на одредени права врз имотот на Тополницата се одбиени. Потоа судски беше дозволено да се продава Комбинатот. Стечајниот судски совет веќе утврди дека “Инвестас” и “Фило Бизнис” од Панама не се доверители на МХК “Злетово. Од овие причини, несудените газди на Топилницата се чудат на последната одлука на Судот. Иако изминуваат 15 дена за жалба, стечајниот управник Радослав Кипровски и Стечајниот судски совет се уште го немаат добиено судското решението и од тие причини и немаат поднесено жалба до Апелациониот суд во Скопје. (С.А.)