Судија наместил средба на која се обложил
Германскиот фудбалски сојуз (ДФБ) вчера одржа итен состанок, по изненадувачката оставка на фудбалскиот судија кој е осомничен дека лажирал натпревар од првото коло на Купот на Германија. Судијата Роберт Хојцер, е осомничен дека се обложувал на исходот на средбата помеѓу Хамбургер и Падерборн, што ја судел самиот тој во август минатата година. На тој натпревар Хамбургер поведе со 2:0, при што на крајот на првото полувреме, наводно поради навреда, го исклучил напаѓачот Емил Мпенза, а подоцна досудил два пенала за Падерборн, за на крајот третолигашот да направи пресврт и да победи со 4:2. Фудбалскиот сојуз издаде соопштение во кое се обелоденува сомнителното судење на 25-годишниот Хојцер и на некои други второлигашки натпревари. Хојцер кој во кариерата нема судено ниеден прволигашки натпревар, во петокот се откажа од судењето.